Кратки факти

Туристички водич на Преспа
  1. Кратка историја за Ресен
  2. Природни ресурси и наследство
  3. Културно наследство
  4. Храна и пијалоци
  5. Календар на настани и фестивали
  6. Што да посетите додека сте во Преспа

Кратка историја за Ресен

Низ вековите, постоењето на Преспа беше забележано во пишаните историски записи на двете големи цивилизации - римската и грчката.
За време на римската империја низ Преспа поминувал познатиот староримски пат „Виа Игнациа“. Покрај него биле изградени повеќе населби и попатни станици. Една од нив била Скиртијана, на чие место подоцна израснала словенската населба Ресен. Во текот на VI и VII век , во Преспа се населиле словенските племиња – Брсјаци. Прв пат Ресен се спомнува како средновековна населба во една повелба на Душановиот законик од 1337 год, под името Росне. Во еден попис од 16 век населбата е регистрирана како Ресне.
Во XVIII век, со развојот на трговијата и занаетчиството, Ресен прераснува во мала градска населба.

За време на Илинденското востание во 1903 година, поголем број на селски населби во Општина Ресен се ослободени од османлиското ропство, но градот Ресен сé уште не бил ослободен.
На 03 Јули 1908 година во Ресен отпочна Младотурската револуција , предводена од Ахмет Нијази Беј. На оваа револуција се приклучиле и Македонците од Ресен. Младотурската револуција имала за цел модернизација, уставност и демократизација на Македонија.

Природни ресурси и наследство

Преспанскиот регион е сместен на Балканскиот полуостров, на тромеѓето помеѓу Република Северна Македонија, Албанија и Грција. Оваа област се смета за еколошки ентитет од глобално значење бидејќи тука се среќаваат разновидни биотопи - езера, планини и шуми кои располагаат со единствени и уникатни карактеристики. Регионот се смета за значаен резервоар на биодиверзитет и природна продукција. Општина Ресен е сместена во Преспанската котлина, помеѓу планините Баба (со највисокиот врв Пелистер 2600м) на исток и Галичица (2235м) на запад. На север се планините Плаќенска и Бигла (1933м), а на југ граничи со Албанија и Грција. На територијата на Општина Ресен се распространети два национални паркови – Пелистер и Галичица.

Најголем дел од Преспанското Езеро припаѓа на Општина Ресен – 65%, а останатиот дел е поделен меѓу Албанија - 18% и Грција - 17%. Во водите на Преспанското Езеро се наоѓа тромеѓето меѓу Македонија, Албанија и Грција.
Провидноста на Преспанското Езеро се движи од 5 до околу 10 метри.
Ова природно богатство е значајно за развојот на туризмот во преспанскиот регион. Во водите на Преспанското Езеро е сместен единствениот природен остров во Македонија - Островот Голем Град.

Културно наследство

Преспанскиот регион во целина е бисер на македонската културна и административна историја. Уште од антиката, Преспа била значајна крстосница на римската сообраќајница Виа Егнација, а топонимот Претор (lat. Praetor - управител на административна единица) отворено говори за важноста што ја имало местото како седиште на управител на римска провинција. Во средновековието, Преспа била бастион и престолнина на Самоиловото Македонско царство, кое тука ги имало своите најсветли моменти и својот трагичен крај. На подрачјето на Преспа регистрирани се 130 археолошки локалитети од различни периоди од развојот на материјалната култура, потоа 1000 археолошки експонати, 500 монети, како и 450 експонати од етнолошко наследство.
Во Преспа постојат 95 цркви и манастирски комплекси, како и 1024 икони. До денес опстојуваат сакралните објекти од периодот 11-17 век: Св. Илија во с. Грнчари (12 век), Св. Ѓорѓи во с. Курбиново (12 век), Св. Сава во с.Претор (14 век), Св. Богородица во с.Сливница (17 век), Св. Петка во с.Брајчино (14 век) и Св. Атанас и Св. Архангел во с. Долно Дупени (14 век).
Како еден од позначајните споменици на исламската култура е Хаџирамадановата џамија, изградена во 1592 година.

По својата традиционална селска архитектура препознатливи се селата Брајчино, Љубојно и Долно Дупени со куќи изградени од камен кои сé уште го отсликуваат духот на едно минато време.
Од градската архитектура посебно се издвојува зградата т.н. Сарај – споменик на културата во Република Северна Македонија изградена во почетокот на 20-тиот век во времето на Младотурската револуција, во стилот на неокласицизам по пример на француската архитектура.
Ресенската керамичка колонија, сместена во Домот на културата „Драги Тозија“ е членка на Интернационалната Академија за керамика при УНЕСКО. Керамичката колонија, секоја година организира работна сесија за еминетни уметници од светот и истата се одржува во с. Отешево.
Во с. Подмочани се наоѓа една од најбогатите етнолошки колекции во Северна Македонија, сместена во Етнолошкиот музеј на Јоне Ефтимовски.

Храна и пијалоци

Општина Ресен е позната по традиционалната локална кујна. Оттука произлегуваат производи и храна, кои се типични за општината.
Од богатата понуда на храна, посебно место заземаат следните производи:
  • сушени црвени пиперки
  • суви пиперки со праз
  • преспански крап
  • циронки
  • циронки
  • сарма
  • зелник со праз
  • зелник со киселец и праз
  • питулици
  • млечник
  • ѓомлезе
  • шеќерпарина

Календар на настани и фестивали

Календарот на настани и фестивали секоја година се збогатува со нови интересни настани кои привлекуваат внимание кај локалното население, но исто така и кај гостите и посетителите на Ресен и Преспа.

Настан Дата Краток опис
Дочек на стара Нова Година – Василичарски оган 13 јануари манифестација во склоп на традицијата со палење на централен оган на плоштад и други помали огнови низ целата општина.
Богојавление- Водици 19 Јануари Традиционална манифестација, која се одржува во Отешево. Преку фрлање на крст во водите на Преспанското Езеро се осветуваат водите во Преспа.
Велигденски Хепенинг Велики четврток манифестација со која се одбележува и означува големиот христијански празник – Велигден.
Илинден 2 Август Илинден во Љубојно се прославува како современа манифестација од циклусот на „иселенички средби“.
Преспански Јаболкобер 27 Септември најголема стопанско-културна манифестација во општината.
Фестивал на монодрамата „Актерот на Европа“ 06-11 Јули меѓународен фестивал на монодрамата.
„Топол културен бран“ Јули-август Повеќе културни настани од најразлична природа.
Ресенска Керамичка колонија – сесија во с. Отешево 01-20 Август промоција и негување на грнчарството.

Што да посетите додека сте во Преспа

Преспанско Езеро

Преспанското езеро претставува значајна локација, која најчесто е посетувана од локалното население, како и од домашни и странски гости, посетители и туристи.

Преспанското езеро опфаќа површина од 176,8 км2 и се наоѓа на 2853м надморска височина и со тоа е највисокото тектонско езеро на Балканот. Преспанското Езеро е 150м повисоко од Охридското езеро и поради тоа водите на овие две езера се мешаат во карстниот терен под планинскиот масив Галичица. Преспанското Езеро е извонредно богато со езерска флора и фауна.
Во водите на езерото се наоѓа единствениот остров во Република Северна Македонија - Островот Голем Град како и тромеѓето меѓу Република Северна Македонија, Република Албанија и Република Грција.
Преспанска Ривиера ги опфаќа туристичките населби покрај брегот на Преспанското езеро – Претор, Сливница, Долно Дупени, Стење и други места за одмор.
Од двете страни на локалитетот се Националните Паркови Пелистер и Галичица.


Остров Голем Град

Островот Голем Град е еден од трите острови во водите на Преспанското Езеро, но единствен во границите на Република Северна Македонија. Овој остров е единствен остров во државата.

Локалитетот е значаен и специфичен не само по местоположбата, туку и по своите културно-историски и природни вредности и карактеристики. Целиот остров претставува своевиден археолошки локалитет, како од римското време така и од поновото. На островот се сместени три цркви од периодот на раното христијанство, кои се едни од најстарите на Балканот. Најзачувана и реставрирана е црквата Св. Петар, која датира од 14-ти век. Освен сочуваната црква Св. Петар, средновековната црква Св. Димитрија, постои и ранохристијанска базилика од крајот на IV-тиот и почетокот на V-тиот век, каде се откриени остатоци од поден мозаик.
Фауната на овој локалитет ја сочинуваат ретки и ендемични видови птици (корморан, сива чапја) и водни змии, додека пак флората се карактеризира со присуство на дивата смрека/фоја, која освен во Преспа, ја има на Кавказ, Ирак, Либан и Малезија.
Островот е долг 750 m, а широк 450 m, со највисок дел 50 m над езерото. Од сите страни островот е заобиколен со карпи со височина 20 до 30 метра. Заштитен е со Закон и е дел од националниот парк Галичица.
Природната местоположба, убавината, климата и изолираноста придонеле вистинските вредности на островот да останат недопрени со векови.
Во периодот на владеењето на Цар Самоил на островот бил сместен неговиот летниковец. Римските цистерни се сé уште присутни на островот.


Национален парк Пелистер

Националниот парк Пелистер се наоѓа во југозападниот дел на Република Северна Македонија и зафаќа површина од 17.150 хектари. Во 1948 година е прогласен за прво заштитено природно богатство во Северна Македонија.

Се карактеризира со поголем број врвови и возвишенија повисоки од 2000 метри, кои меѓу себе се раздвоени со длабоки долини. Највисок врв е Пелистер (2601m). Од релјефните облици на Пелистер највпечатливи се т.н. камени реки. Тоа се наклони на релјефот исполнети со блокови од камења со различен состав.
Со посебна природна привлечност се двете глацијални езера, Пелистерски Очи - Големото и Малото Езеро на Пелистер, исто познати како „Горски Очи“.
Националниот парк Пелистер располага со богат биодиверзитет, од кој најголема вредност има моликата.
Овој локалитет располага со богато културно - историско наследство кое може да се стави во функција на развој на алтернативните форми на туризам.


Национален парк Галичица

Националниот Парк Галичица беше прогласен како Национален Парк во 1958 година со цел заштита на неговата природна убавина и разноврсните флора и фауна.

Паркот е сместен на планинскиот масив помеѓу Големото Преспанско Езеро на исток и Охридското Езеро на запад и опфаќа 22,750 хектари од Планината Галичица, со големо богатство од реликтни и ендемични видови флора, класично наоѓалиште на 20 видови виши растенија, од кои 12 се локални ендеми. Тука се застапени и 26 ендемични фаунистички видови. Македонскиот Националниот Парк Галичица и Албанскиот Национален Парк Преспа се поделени со меѓународната граница меѓу Северна Македонија и Албанија.
Постоечките патеки и природата во регионот се идеални за развој на велосипедизмот. Притоа, од рекреативните активности во регионот се издвојуваат можностите за планинарење, прошетки, едукативно-рекреативни содржини, наблудувања на птици и животни, сончање, скијање, алпинизам и спелеолошки разгледувања, хербални активности, активности на село, алпско скијашко трчање, лов и други активности во планина.


Парк на Природата Езерани

На северниот дел од езерото сместен е Паркот на Природата Езерани на површина од 1917 хектари, од кои 1066 хектари се копнена површина, додека 851 хектари се водна површина.

Односот на копнена и водна површина е релативен, бидејќи нивото на Преспанското Езеро значително варира во текот на годината и особено во текот на подолги периоди.
Според законската регулатива, Паркот на Природа Езерани е подрачје кое поради своите значајни или карактеристични еко-системи, геолошки или физичко-географски карактеристики и/или видови, како и изворно сочувана дивина, стекнува статус на природно наследство, првенствено заради спроведување на научни истражувања или мониторинг на заштитата.
Заштитеното подрачје е живеалиште на околу 200 видови на птици, од кои 62 видови се ставени на листата на заштитени видови во согласност со Берн Конвенцијата, а три видови се наоѓаат на Европската Црвена листа на светски загрозени видови. Карактеристичен претставник на авифауната во Преспанското Езеро е Пеликанот (Pelecanus crispus). Пеликанот е една од најкрупните птици кои егзистираат на вода, главно во потоплите краишта. Кај нас го има единствено на двете Преспански Езера. Единствената колонија на Големиот Бел пеликан (Pelecanus onocrotalus) во Европската Унија се наоѓа во Преспа.


Брајчино и Брајчинска река

Селото Брајчино е планинско село. Се наоѓа на надморска височина од 1000 метри, со атар кој зафаќа простор од околу 60 хектари.

Се протега на крајниот југоисточен дел на територијата на општина Ресен, издигнувајќи се со атарот на југозападниот срт на планината Баба. Се граничи со општина Битола и со државната гранична линија со Република Грција. Низ селото тече Брајчинска Река.
Оддалечено е само 15 минути од Преспанско Езеро, а сместено е во подножјето на планината Баба, во непосредна близина на националниот парк Пелистер. Богато е со извори со пенлива вода, висока и зелена шума, планински врвови што пленат со својата убавина, со еколошки јаболка никнати на надморска височина од над 1.000 метри и јагоди што зреат доцна налето - ова е дел од „портфолиото“ на Брајчино, единственото македонско село, кое се наоѓа на светската туристичка мапа со подзнак - еколошки туризам.
С. Брајчино се истакнува по својата карактеристична селска архитектура. Архитектурата претставува посебна целина, со куќи од камен, фурни и плетени огради. Оваа селска архитектура потекнува од 19 век.
Постојните сместувачки и угостителски капацитети, уредени во духот на македонската архитектура и внатрешен дизајн, со специфична понуда на преспански специјалитети од традиционалната македонска кујна овозможија оваа селска населба да го добие своето место на туристичкиот пазар во Северна Македонија и надвор од нејзините граници.


Љубојно

Селото Љубојно некогаш било голема населба, но поради внатрешни и надворешни миграции, бројот на населението се намалил.

Љубојно за прв пат се споменува во една повелба на Цар Душан од 1337 година, а подоцна се споменува и во еден запис на Сливничкиот манастир од 1607 година, како поголема македонска населба.
Љубојно е многу познато по тоа што одамна бил и просветен центар и дека во селото имало школувани луѓе и пред втората светска војна.
Првото училиште во селото било изградено во втората половина на 19 век.
Во селото Љубојно руралниот туризам покажува почетни сигнали. Природните и културни вредности овозможуваат оваа дејност да добие значајно место во семејниот бизнис во селото.
Од особена важност е селската архитектура која во голем дел е зачувана со нејзината оригиналност.


Црква Св. Ѓорги – с. Курбиново

Црквата „Св. Ѓорѓи“ се наоѓа во атарот на село Курбиново на 1100 метри надморска висина.
Објектот датира од 1191 година и истиот е еден од најубавите божји храмови во Северна Македонија. Оваа црква е поставена на темелите на уште постар манастир од 9-от век.

Фреско-живописот од 12-от век е сочуван скоро во целост. Фреските се едни од најубавите, најоригиналните и во целост најдобро сочувани фрески што од тој период допираат до нас.
Живописот на црквата Св. Ѓорѓи и живописот на црквата Св. Пантелејмон крај Скопје претставуваат врвно остварување од периодот на комненската уметност во Северна Македонија.
Се истакнува претставата на Архангел Гаврил, кој прерасна во симбол и препознатлив знак на црквата. Сегмент на фреската на Светецот Архангел Гаврил „Ангелот од Курбиново“ од оваа црква се наоѓа на позадината на банкнотата од 50 македонски денари. Од 1958 година, истата е под заштита и е прогласена за културно-историски споменик. Направени се повеќе реставрации на објектот.


Манастир Св. Богородица – Сливница (Сливнички Манастир)

Манастирот „Рожество на Пресвета Богородица“ во близина на с.Сливница е едно од културните богатства на Преспа.

Комплексот се состои од црква и конаци (крај на 17-ти век), сместени во големиот манастирски двор. Крај црквата има извор на света вода за чии чудотворни и исцелителни особини, се зборува со почит. Манастирот е подигнат во 1607 година и според описот е граден во три фази. Од тој период потекнува и живописот во храмот, како и дрвениот иконостас со престолните икони, царските двери и големиот крст. Стар е 400 години.
Сликарството е сочувано скоро во целост и претставува еден од најзначајните репрезенти од пост-византискиот период во Северна Македонија.
Живописот во целост е добро зачуван и ги има сите стилски карактеристики на ѕидното сликарство од почетокот на 17 век во Северна Македонија.
Манастирот „Рожденство на Пресвета Богородица“ се наоѓа на околу 3км од с. Сливница, на 1100 метри надморска височина.


Манастир Св.Петка – с.Брајчино

Манастирот „Св. Петка“ е сместен во атарот на село Брајчино на 1100 метри надморска висина.

Во минатото црквата била запуштена, а монашкиот живот замрен. Доколку се гледа назад низ историјата, останува нејасно времето во кое е градена црквата.
Од југозападната страна на црквата Св. Петка биле подигнати конаци.
Во 1903 година тие биле уништени во пожар. По иницијатива и со помошта на месното население, конаците се обновени во 1911 година, потоа биле повторно разурнати. Денес конаците се повторно изградени и функционални и се користат за сместување на гости, туристи и посетители.


Етнолошки Музеј – с. Подмочани

Еден од најбогатите етнолошки музеи во Северна Македонија е Етнолошкиот музеј на Јоне Ефтимовски, сместен во с. Подмочани.

Ретка и величествена колекција на традиционални носии и артефакти од цела држава може да се најдат во овој етнолошки музеј. Колекцијата брои над 2000 уметнички предмети: накит, оружје, стари монети, предмети од домаќинство и преку 160 различни Македонски национални носии од разни региони на Македонија. Освен презентација на автентични предмети, посетителите на овој приватен музеј можат да купат и сувенири (кукли облечени во народна носија) изработени од семејството Ефтимовски, како и да ги пробаат специјалитетите на традиционалната преспанска кујна.


Сарај

Од градската архитектура со своите архитектонско - естетски вредности посебно се издвојува зградата т.н. Сарај - споменик на културата во Република Северна Македонија изградена на почетокот на 20 век во времето на младотурската револуција.

Изграден е од турскиот мајор Ахмед Нијази - Бег во почетокот на дваесеттиот век, по урнек на француските архитектонски современи дострели. Сарајот го отсликува напливот на модерни идеи, кои во тоа време ја зафаќаат Отоманската империја и Ресен како дел од неа. Сонот на Младотурците да се создаде модерна држава започнува токму во Северна Македонија, а Сарајот е споменик на тоа движење. Сарајот е прекрасна палата изградена со користење на скапи градежни материјали, со разиграна фасада и големи прозорци кои ја полнат внатрешноста со светлина. Партерно, дворот на Сарајот е добро уреден и ја најавува префинетоста на ентериерот на зградата.
Во зградата на Сарајот е сместен Домот на културата „Драги Тозија“ и Керамичката колонија. Во функција на туристичката понуда на регионот, Сарајот со институциите, кои егзистираат во него, може многу да придонесе. Организирањето на постојани археолошки, историски и етнолошки поставки, насочени кон општата јавност и особено туристите, даваат целосна слика за историјата, културата и традициите на поднебјето. Ударни експонати секако би биле оние кои се најтипични за Преспа: чуновите, иконите, грнчарските предмети и археолошките артефакти со кои изобилува Преспа.
Комеморативната поставка на сликарката Кераца Висулчева, исто така, е сместена во просториите на Сарајот и ја збогатува културната и естетска слика на објектот.


Ресенска керамичка колонија

Керамичката колонија е вистински репрезент на она како вековните традиции можат да добијат современ тек и меѓународно признание.

Како што е веќе познато, Ресен бил центар на грнчарството. Археолошките истражувања покажуваат дека корените на керамиката се некаде во предисторијата, присутни низ сите подоцнежни периоди: антиката, византискиот, пост-византискиот период.
Денес, иако занаетот се ближи кон својот крај, Керамичката колонија го воведува во 21-ви век како форма на уметнички израз. Така, од почетокот во 1973 година до денес, со напорен труд и голема поддршка на локалните власти, Колонијата прерасна во меѓународно призната институција, членка на Академијата за керамика при УНЕСКО. Во ателјето на колонијата досега твореле над 200 керамичари од целиот свет, создаден е фонд од над 800 експонати, од кои 300 се изложени во Сарајот. Ателјето во Отешево, освен за време на колонијата, може да угости светски реномирани уметници во останатиот дел од годината, што само по себе би било дополнителен потстрек за туристите да ја посетат Преспа.


Постојaна ликовна изложба на Кераца Висулчева

Постојната изложба на сликарката Кераца Висулчева е воспоставена во објектот Сарај во град Ресен, на барање на самата сликарка.

Во објектот е обезбедена посебна просторија во која се изложени нејзините дела меѓу кои и незавршениот портрет на поранешниот претседател на Република Северна Македонија – Г-дин Киро Глигоров.
Стилското дефинирање на целокупниот опус на Кераца Висулчева се задржува на реализмот и пост-импресионизмот со мали наклонувања кон национал-романтизмот. Нејзиното сликарство накусо се означува како сликарство на импресија на чуствата и душата. Позначајно од стилската определба е бескомпромисната оддаденост на уметноста и нејзините феномени: бојата, формата, светлината, цртежот.


Фестивал „Актерот на Европа“

Секоја година во Општина Ресен се одржува театарскиот фестивал „Актерот на Европа“ во период од 06 до 11 јули.

Фестивалот се eтаблира како една од најзначајните културни манифестации во Преспанскиот Регион и во Северна Македонија.
Фестивалот е воспоставен после прокламирањето на Преспа Парк областа во трите држави: Северна Македонија, Албанија и Грција.
Фестивалот е интернационален настан на кој учествуваат врвни имиња на домашната, регионалната и интернационалната театарска сцена. Со своето учество на фестивалот, свој белег оставиле театарските куќи од соседните држави Р. Албанија и Р. Грција како и од Русија, Италија, Германија, Србија, Црна Гора, Белгија и други држави.
Фестивалот е од огромно значење за општината и целиот Преспански регион со оглед на тоа што претставува место и простор за презентација на различни културни вредности. Традиционално, секоја година во духот на културната соработка меѓу трите соседни држави, фестивалот се отвара со обраќање кон публиката на трите јазици кои се говорот на Преспанското Езеро: македонски, албански и грчки.
Се одржува во дворот на Зградата Сарај.


Преспански Јаболкобер

Преспанскиот Јаболкобер е најголема стопанско-културна манифестација во Општина Ресен, која секоја година се одржува од 27-29 септември.

Преспанскиот Јаболкобер опфаќа активности од областа на земјоделството, културата, туризмот, уметноста и спортот.
Оваа најголема манифестација е поврзана со празнувањето на Православниот Христијански Празник – Крстовден и воедно претставува официјален почеток на бербата на јаболка во Преспа.
Општината е домаќин на бројни гости и официјални лица од различни држави, како и лица кои го остваруваат својот интерес во областа на јаболковото производтво и туризмот.
Во рамки на манифестацијата бројни правни и физички субјекти од полето на земјоделството и туризмот можат да ги презентираат своите активности, производи и опрема на изложбени штандови.
Манифестацијата се одвива на самиот плоштад во градот а одредени спортски активности во спортските сали и објекти во општината.